Македонската ракометна репрезентација го започнува настапот на Европското првенство 2026 во Данска, Шведска и Норвешка. Под водство на селекторот Кирил Лазаров, националниот тим влегува во нов циклус, обележан со смена на генерации и градење на иднината на македонскиот ракомет. Македонија се најде во тешка група, каде што се уште Данска, Португалија и Романија, а пласман во следната фаза ќе обезбедат само двете најдобри селекции од групата.
Натпреварот помеѓу Македонија и Данска на ЕП во ракомет 2026 е закажан за 16.01.2026 со почеток во 20:30 часот (CET). Тоа е првиот дуел на Македонија во прелиминарната фаза од Европското првенство во ракомет, што се игра во Данска, Норвешка и Шведска.
„Мотивација е да се игра против Данска. Според мене, Данска е фаворит за титулата на ова ЕП. Ќе играме во Данска во полна сала, тоа ќе ни даде мотив. Ќе се бориме 60 минути, нашиот менталитет е таков, ќе сакаме да се покажеме пред толку многу публика oд Данска на трибините. Данска има многу големи имиња, Гидсел, Питлик, Лауге, Нилсен, тежок противник, но и мотивација“, изјави капитенот Филип Кузмановски.




