Најпрестижниот и најстариот грен-слем турнир во голф, Опен Чемпионшип, ќе се одржи во периодот од 14 до 17 јули 2022.
Ова ќе биде негово јубилејно 150. издание, кое по 30. пат ќе се одвива на ,,Олд Курс” во Ст. Ендрус (Шкотска).
На турнирот ќе учествуваат вкупно 156 голфери од целиот свет, кои изборија квалификација преку најмалку еден од вкупните 28 критериуми.
Минатата година, во Сендвич (Англија), со титулата се закити Колин Морикава, кој ќе се обиде да стане првиот играч со одбрана на круната после Ирецот Падриг Харингтон од 2007 и од 2008.
Од досегашните шампиони, кои сè уште играат на професионално ниво, оваа година нема да настапат само Бен Куртис, Тод Хамилтон и Џастин Ленард.
Од друга страна, од претходните прваци, во Шкотска ќе ги гледаме Марк Калкавекја, Стјуарт Синк, Дерен Кларк, Џон Дели, Дејвид Дувал, Ерни Елс, Падриг Харингтон, Зек Џонсон, Пол Лоури, Шејн Лаури, Рори МекИлрој, Фил Микелсон, Франческо Молинари, Колин Морикава, Луис Оостхујзен, Џордан Спит, Хенрик Стенсон и Тајгер Вудс.
Од моменталните членови на првите десет места од светската ранг-листа, на ,,Олд Курс” ќе се појават и Скоти Шефлер, Џон Рам, Патрик Кентли, Ксандер Шофеле, Камерон Смит, Џастин Томас, Виктор Ховланд и Метју Фитцпатрик.
Освен веќе докажаните асови, односно веќе наброените голфери, во улога на фаворити за освојување влегуваат уште неколку имиња: Иан Пултер, Томи Флитвуд, Камерон Јанг, Брајсон ДеШамбо, Ли Вествуд и Хидеки Матсујама.