
После трите меѓусебни порази во низа, Кожуф го порази Кит-Го Пехчево со резултат од 2-1.
Имено, на ,,Градски стадион” во Гевгелија, по неповолни временски услови, домаќините освоија три поени после точно еден месец во рамките на четиринаесеттото коло од ВМФЛ Исток.
Составот од јужниот дел на Македонија ја држеше контролата во свои раце во поголемиот дел од натпреварот, а триумфираше благодарение на двата погодоци на Стефан Терзиев (7′, 71′).
Гостите од Пехчево беа за нијанса поприметни кон крајот на првото полувреме, кога воедно и го израмнија резултатот на 1-1 преку Михаил Милевски (45′).
Освен стрелците, со неверојатните интервенции се истакнаа и двајцата голмани, односно Борче Картов (Кожуф) и Стојан Богдановски (Кит-Го).
И покрај поразот, клубот од Пехчево остана на петтото место, додека Кожуф е седми и се наоѓа во плејаут-зоната.