Во текот на изминатите неколку дена, главна тема низ светските медиуми е новоформираниот проект наречен Европска Супер Лига (ЕСЛ), кој е планиран да стартува од сезоната 2023/24.
Во него ќе се натпреваруваат само дваесетте најквалитетните екипи од европските држави, кои ќе бидат отстранети од своите домашни натпреварувања. Први што се согласија со овој предлог беа: Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Челзи, Арсенал, Тотенхем, Ливерпул, Јувентус, Интер и Милан.
Сето ова ќе значи дека елитата ќе задржи огромен број на спонзори и на телевизиски права, оставајќи ги т.н. второкласни екипи во позадина и на тој начин уништувајќи ги нивните егзистенцијални шанси.
„Клубовите ќе бидат отстранети од своите домашни првенства, на европско или на интернационално ниво, а играчите ќе немаат можност да ги бранат боите на своите репрезентации“ – стоеше наведено на официјалната веб-страна на УЕФА во врска со ЕСЛ.
Во Шпанија, Ла Лига и Ла Лига 2, пред пандемијата придонесуваа со дури 1,4% од вкупниот БДП на оваа пиринејска држава, пружејќи работни места за 200 000 луѓе.
Од друга страна, што треба да се каже за Англија – колевката на фудбалот?
Од Премиер лигата, шесте најдобри екипи во 21. век своеволно решија да се придружат во ЕСЛ и да ги „продадат“ своите симпатизери за околу 350 милиони евра.
„Треба да им се одземат поени на сите шест екипи што ја профатиле ЕСЛ. Одземете им поени на сите!“ – громогласно одекна изјавата на Гери Невил, кој исто така е еден од сопствениците на четвртолигашот Салфорд.
Гневот беше присутен и кај огромен дел од навивачите, кои го делеа истото мислење со Невил. Околу стадионите почнаа да се појавуваат и различни пароли како „Создаден од сиромашните, а украден од богатите“ или „Фудбалот без навивачи е ништо“.
„Многу го следев Манчестер Сити во изминатите педесет години бидејќи сметав дека тоа е „мојот“ тим. Се чувствував како тимот да ме цени што сум негов навивач. Сега клубот покажа дека не ме вреднува мене, а и другите фанови и затоа не го чувствувам како мој тим повеќе. Ќе уживам гледјаќи го локалниот аматерски тим од мојот град и ќе навивам за него!“ – за „БиБиСи Спорт“ изјави жител на англискиот град Ворингтон.
„Фудбалот не е ништо без своите фанови. Тоа јасно го видовме во текот на изминатите дванаесет месеци. Ако навивачите се обединат против оваа анти-фудбалска пирамидална шема, можеби ќе успеат да ја запрат.“ – се огласи на Твитер и Гери Линекер – поранешниот англиски репрезентативец.
Се појавува уште една теорија на заговор во врска со оваа тема. Имено, (екс-)тренерот на Тотенхем, Жозе Мурињо, доби отказ само еден ден, откако рапидно се прошири информацијата за стартувањето на ЕСЛ. Како причина, според многумина, е наведен фактот дека Португалецот не сакал да ги изведе на тренинг своите фудбалери во знак на бојкот против новиот изум на УЕФА. Сепак, овие информации доаѓаат од неофицијални извори и засега не можат да се сметаат како точни.
Од страна на многубројните навивачи се приклучи и премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, кој на својот Твитер профил објави:
„Планот за ЕСЛ ќе му наштети многу на фудбалот и затоа ги поддржуваме фудбалските челници да преземат акција. Тие [УЕФА] ќе удрат во срцето на домашната игра и ќе ги загрижат фановите низ целата држава. Клубовите што се вклучени во ова ќе мораат да ги известат своите навивачи пред да направат следен чекор.“
Фудбалот потекнува од Англија, каде што се прославил во втората половина на 19. век. Имено, најстарото клупско натпреварување, ФА Купот, датира од 1871, додека првата фудбалска лига била основана во 1888.
Несомнено е дека најважната споредна работа на светот оставила длабоки траги врз традицијата и врз културата на европските народи, но навивачите стравуваат дека крајот ќе ѝ се наближи доколку се воведе Европската Супер Лига.
За целата случка, на Твитер, своето мислење го даде и актуелниот фудбалер на ПСЖ – Андер Ерера.
„Се заљубив во фудбалот поради навивачите, сон е да го видиш клубот што го сакаш како се натпреварува со најдобрите. Ако се одрже ЕСЛ, овие сништа ќе престанат. Верувам во подобрена Лига на шампиони, а не во богатите, кои го крадат она што луѓето го создале, односно она што е најубавиот спорт на светот.“
Зад целиот проект, дискутиран уште од деведесеттите години на минатиот век, стои една низа на контроверзни ликови, од кои најмногу се издвојуваат Флорентино Перез, Андреа Ањели и Ед Вудвард.
Сепак, поради острите критики од сите страни, последните двајца се откажаа од Европската клупска асоцијација, односно од Европската Супер Лига.
Истата постапка, засега, ја направија Манчестер Јунајтед, Интер, Милан и Јуванетус.
Доколку продолжи оваа тенденција на откажување на клубовите, наместо на фудбалот, ќе ѝ се наближи крајот на Супер Лигата, а навивачите, по олабавувањето на рестриктивните мерки, со задоволство ќе се вратат на стадионите и ќе можат да ги бодрат своите миленици.
Автор: Насе Епов
📸 Harold Cunningham/Getty Images for UEFA



