
Англискиот четвртолигаш Колчестер Јунајтед го започна зимскиот преоден рок со пет засилувања, од кои, последното е вистинска нисколигашка ,,трансфер-бомба”.
Имено, тимот, кој се соочуваше со големи потешкотии во последните две сезони, доведе засилување со кое ќе може да смета на сигурен опстанок во Лиг 2.
Станува збор за досегашниот фудбалер на Ексетер Сити, Мет Џеј, кој потпиша нов договор на две и пол години со својот нов клуб.
Џеј дебитираше за Ексетер во 2013 и на 163 натпревари постигна 41 гол, а во меѓувреме беше испратен на три позајмици во Вестон-супер-Мер, во Хејс енд Јидинг Јунајтед и во Труро Сити.
Во пресрет на минатата сезона, Англичанецот стана капитен на ,,Грците” и беше протагонист во враќањето на Ексетер во Лиг 1 после една деценија.
Изминатите две сезони, на лигашките средби, Џеј запиша вкупно 32 гола, но во третата лига не се снајде најдобро и реализираше само еднаш во ФА Купот и трипати во Лига Купот.
На табелата на Лиг 2, после дваесет и четири мечеви, Колчестер го зазема дваесеттото место со само шест поени предност во однос на претпоследниот Рочдејл.