Екипата на Дерби Каунти ја започна новата Чемпионшип сезона со пораз од Рединг од 0-2, а исто така, синоќа загуби со 1-2 од Престон во Лига Купот.
Тренерот Филип Коку направи неколку необични трансфери од и во клубот. Несфатливо е дека ,,Овните” ги продадоа двајцата академски продукти во одбраната, Макс Лоу и Џејден Боугл, за само петнаесет милиони фунти, а на нивно место го доведоа Нејтан Бирн од Виган. Освен Бирн, црно-белиот дрес го облекоа холандскиот играч за врска и поранешниот капитен на Гронинген, Мајк те Виерик и шкотскиот репрезентативен голман – Дејвид Маршал.
Сепак, Коку реши да го засили нападот, а за таа цел го доведе полскиот фудбалер Камил Јожвијак.
Полјакот потпиша четиригодишен договор со Дерби Каунти вреден 4,3 милиони евра според ,,Трансфермаркт”.
Јожвијак е млад крилен играч, кој целата своја досегашна кариера ја помина во Лех Познањ, освен една полусезона кога беше позајмен во ГКС Катовице.