
Во текот на денешниот ден, во рамките на Светскиот куп во алпско скијање, се одржа седмиот овосезонски слалом.
Имено, по ноќни услови во Шладминг (Австрија), до јубилејната десетта победа дојде Клеман Ноел (1:48,97).
Ноел беше седмопласиран после првата серија, но сепак успеа да и’ го донесе првиот овосезонски триумф на Франција во машка конкуренција.
Со напредок од три позиции во однос на првиот дел, на второто место се искачи Рамон Ценхојзерн (+0,07), кој освои подиум за првпат после две години.
Лидерот во поредокот на најтехничката дисциплина, Лукас Бротен (+0,38), успеа да заврши на пиедесталот, оставајќи ги зад себе во топ 5 – Мануел Фелер (+0,45) и Лоик Мејар (+0,60).
Најголемиот трагичар од сите беше првопласираниот од првата серија, Хенрик Кристоферсен (+1,33), кој поради две грешки, мораше да се задоволи со единаесеттото место.