Од потполен аутсајдер, Виртус Ентела наеднаш успеа да фати приклучок дури и до средината на табелата со трите победи во низа над Пескара (3-0), над Виченца (0-1) и над Читадела (1-0).
Сепак, фантастичната серија на тимот што тежнее за опстанок во Серија Б беше прекината денес, од Кјево Верона.
Имено, поранешниот прволигаш успеа, на домашниот ,,Марк’Антонио Бентегоди”, да слави со 2-1.
Во првото полувреме не падна ниту еден погодок, иако домаќините имаа потполна контрола над играта.
Во воведните осум минути од вториот дел, Кјево, со два брзи погодоци, успеа да обезбеди победоносна предност. Стрелци за ,,жолтите” беа Амато Чичирети (49′) и Мануел Де Лука (53′).
Де Лука, во текот на минатата сезона настапуваше токму за Виртус Ентела, а неговиот денешен погодок е дебитантски во лигата во дресот на екипата од Верона.
Во продолжение од мечот, Ентела успеа само да го преполови својот заостаток преку првиот лигашки гол на Матео Брунори (76′).
Седмиот натпревар без пораз на Кјево, односно втората врзана победа, му го донесе шестото место на табелата, додека Ентела е претпоследен состав по првите осумнаесет кола во Серија Б.
📸 Sky Sports