Македонската репрезентација до 21 година на 7. октомври против Фарски Острови во Клаксвик и на 12. октомври против Ерменија во Ереван ги продолжува квалификациските натпревари за пласман на Европското првенство 2023 година. Селекторот на младата репрезентација, Драги Канатларовски изјави:
„За овие два квалификациски натпревари едноставно сме принудени да правиме промени во тимот. Се соочуваме со проблеми бидејќи отсуствуваат неколкумина стандардни фудбалери. Метју Божиновски и Стефан Чолаковски поради задолжителниот карантин во Австралија не се во можност да патуваат. Агон Елези поради повреда на коленото ќе биде надвор од тренажен процес во периодот што следува, а исто така поради повреда неизвесен е настапот, посебно за првиот натпревар на Енис Фазлагиќ“.
„Отсуството на четворица стандардни првотимци реално е проблем за нас, но мораме да се соочиме со ситуацијата. Одиме на победа на двата натпревари. Извлековме многу позитивни работи од дуелите со фаворитите во групата, Франција и Србија и се надевам дека резултатски ќе минеме многу подобро на октомвриските мечеви. Фарски Oстрови со нерешениот резултат против Франција потврди дека е сериозна селекција, играат тимски, со многу борба и трчање во текот на сите 90. минути, но верувам дека ние ќе бидеме на максимално ниво и од нас ќе зависи победата на мечот“.