
Со појавувањето на многубројни телевизиски емисии, најпознатиот македонски соколар, Трајче Китановски и неговиот јастреб Хари привлекоа големо внимание.
Љубителите на птиците со задоволство ги следат нивните егзибиции покрај кејот на Вардар, а исто така и на нивните друштвени мрежи.
Китановски и Хари постојано се дел од бројни фотосесии и од бројни промотивни видеозаписи што доволно говори за нивниот ангажман.
Неодамна, ова фамозно дуо беше дел од фантастичната фотосесија на фотографот Анте Јосифовски, кој преку својот објектив, беспрекорно ги ,,улови” најдобрите кадри.
На прашањето дали некогаш одбиле снимање и покрај исполнетата агенда, специјално за ,,Јави се јужна”, Китановски одговори:
Во принцип гледам тоа да не се случува од причина што знам колку е макотрпен патот за да се стигне до ова ниво до каде што сме стигнале јас и Хари, колку бара вложување во себе за да некогаш некој те запримети. Така се случи и со вас новинарите, седмата сила, ми подадовте рака тогаш кога ми била потребна и секако дека сега дојде ред на враќање (хахаха). Сум прифаќал снимања на временски прилики и неприлики, од снимања рано во мугри до касните ноќни саати. Не ги делам новинарите на успешни и на помалку успешни. Штом ме исконтактирале и бараат интервју значи дека процениле дека тоа интервју со мене и со Хари ќе им биде гледано/читано. Знаете, поготово на телевизија, ништо не е случајно. Таму не може да се појави некој на кого не му е таму местото, во најблага форма речено, освен ретки исклучоци. Во овој правец и ми се движи одговорот на ова прашање – имам прифаќано дури и интервјуа од студенти на ФДУ како би им помогнал во нивните работни задачи, па се до најпознатите новинари. Кога сме кај фотосесиите, имам одбиено многу фотографи секако, тука е веќе друга приказната. Во овој свет не смеете да си дозволите грешки зашто скапо ќе ве чинат, одите скалило по скалило нагоре, а со само една грешка вртоглаво може да паднете и подоле од вашите почетоци, па поаѓајќи оттаму, внимателно си го одбирам тимот и луѓето со кои ќе правам фотосесии.
Второто прашање, кое соколарот го доби од нашата екипа, гласеше: Како настана соработката со Анте Јосифовски, фотографот со блескава иднина на македонската сцена?
Анте Јосифовски? Многу чудно и необично. Пред неколку години снимавме нешто, чинам за телевизија, а Анте случајно се најде во наша близина, па ми пријде и ме запраша дали може некогаш да му овозможам да го фотографира Хари и да се договориме околу фотосесии. Морам да признаам, на почетокот бев скептик поради тоа што не го познавав човекот и неговите фотографски квалитети но му дадов контакт, па после некое време се видовме. Побарав да ми покаже што има сработено дотогаш и од прикажаното бев пријатно изненаден и секако дека посакав со Хари да застанам пред неговиот објектив. Анте е надежен фотограф, кој верувајте нема да остане незабележан. Малку му треба за да стигне до својата замислена цел, а тука сум јас секако да му подадам рака и да помогнам колку што можам. Она што ме радува е дека и вие новинарите, се интересирате и поддржувате еден квалитетен фотограф.
Публиката знае дека сите ваши фотосесии имаат приказна. Која беше темата и идејата на најновата фотосесија со Анте Јосифовски?
Со Анте направивме генерална проба пред снимање на еден музички спот на најпознатиот македонски бенд. За жал, обврзан сум според договорот и не можам да го откријам името на бендот ниту нешто поконкретно сè до снимањето на спотот, кое ќе биде многу многу наскоро. Можам само да соопштам дека спотот ќе се снима надвор од Скопје, на една прекрасна планина и песната е многу емотивна и одлично обработена. Темата на фотосесијата беше да прикажеме дека и во овие зимски денови може да излезат прекрасни фотографии. На сетот сменив неколку стајлинзи со цел да биде разнолично и се снимаше на локацијата парк-шумата Ѓорче – Сарај.
Во врска со целиот проект, информација добивме и од Јосифовски, кој одговори на три прашања.
Дали за Вас како фотограф, претставуваше голем предизвик фотосесијата со најпознатиот јастреб во Македонија, Хари и со соколарот Трајче Китановски?
Да, нормално. Предизвик и големо искуство и чест е да се запознаат и да се стекне ново искуство.
Многумина тврдат дека јастребот Хари и соколарот Трајче се разбираат со поглед. Дали и Вие стекнавте таков впечаток?
Да и бев многу изненаден колку се познаваат и колку се разбираат меѓусебно, па и фотографирањето на некои делови помина многу лесно. Хари е нешто посебно – кога го фотографираш едноставно ужива и позира, а кога се со Трајче се вклопуваат во една целина и делуваат како еден.
Дали имате други фотосесии во блиска иднина? Планирате ли да продолжите со фотографирање на други животни?
Да. Животните се предизвик за фотографирање, треба многу трпение, многу време за да извадиш барем една или две добри фотографии оти кај нив е сè спонтано. Често одам во зоолошката градина и фотографирам, а и често сум по селата и по планините во Македонија каде може да се начекаат животние.









