За првпат после 2015, репрезентацијата на Италија избори пласман во полуфиналето на Европското првенство во одбојка во машка конкуренција.
Во четврт-финалната фаза, Италијанците експресно, за 76 минути, ги решија Германците со убедливи 3-0 (25-13, 25-18, 25-19).
Избраниците на Фердинандо Де Џорџи покажаа исклучително квалитетна игра како во нападот, така и во одбраната и го задржаа стопроцентниот учинок и после седмиот меч на тековното ЕП.
Од нив, најефикасен со 13 поени беше Алесандро Микиелето, а по него следуваа Даниеле Лавија (12) и Џулио Пинали (11).
На спротивната страна, единствен со двоцифрен број на постигнати поени беше Моритц Карлитцек (11).
Во полуфиналето, Италија ќе се соочи со Србија, која вчера ја совлада Холандија со 3-0.