Во рамките на третото коло од групната фаза на Лигата на шампионите, во групата Х, Манчестер Јунајтед ќе гостува во Истанбул, на стадионот ,,Фатих Терим”, каде што ќе се соочи со Башакшехир.
Во првите две кола, англискиот претставник оствари две победи и тоа над ПСЖ (1-2) и над Лајпциг (5-0), додека Турците беа двапати поразени со два гола разлика од истите противници.
Овој факт го става Јунајтед во фаворитска улога, но историјата не вели така.
Имено, досега, ,,Црвените ѓаволи” двапати гостувале во Турција во европските натпреварувања и двапати се вратиле во Англија со пораз.
Најпрво, во ноември 2012, Галатасарај триумфираше со 1-0, а четири години подоцна, Фенербахче беше подобар со 2-1.
Вечерва, останува да видиме дали Јунајтед ќе ја прекине оваа ,,црна” мини-серија и ќе успее да освои бодови во Турција за првпат.



