Денес, во Скопје, беше одржана несекојдневната хронометарска трка што воедно беше и прва од ваков вид во нашиот регион. Имено, се работи за поединечна трка во трчање во хронометарски стил, карактеристичен за велосипедизмот и скијањето, на дистанца од десет километри. Трката беше организирана според овој протокол заради избегнување на меѓусебни контакти помеѓу натпреварувачите имајќи ја во предвид целата ситуација со Коронавирусот.
Најелитните македонски тркачи ги одмерија силите на кејот на Вардар стартувајќи еден по друг со временско растојание од триесет секунди.
Во машката конкуренција, до победата дојде Дарио Ивановски кој забележа извонреден резултат од 30:57 минути. Веднаш зад него, на второто место се најде Атанас Анчевски со 33:29 минути, односно само дваесет секунди предност во однос на третопласираниот Александар Кираџиев. Кираџиев е убедливо најдобриот македонски маратонец во изминатите петнаесетина години, а на денешната трка го постави и својот личен рекорд на десет километри (33:49). Награди земаа првите седум натпреварувачи во коишто спаѓаа и Димитар Петровски (33:57), Кокан Ајановски (34:49), Мартин Милошевски (34:40) и Жан Тосев (34:41).
Тркачот на „Јави се јужна“, Атанас Епов, ја зазема 26. позиција со време од 41:37.
Во женската конкуренција, првопласирана беше Адријана Поп Арсова којашто ја помина делницата за 37:15 минути. До втората позиција успеа да стигне Билјана Кираџиева со 38:26, додека трета беше Миљана Ристич со време од 39:43. Кај дамите, со награди заминаа и Весна Кираџиева (44:36), Елена Даниловска (45:10), Билјана Андреева (45:41) и Ивана Пекевска (47:32).
Фотографијата е преземена од Фејсбук профилот на Радован Рашо Вујовиќ