Унгарското гран-при во Формула 1 се покажа како среќно за Естебан Окон, кој триумфираше за првпат во својата кариера.
Францускиот пилот на ,,Алпајн Рено” водеше во текот на целата трка, која беше прекината уште во првиот круг, кога излетаа Шарл Леклер, Валтери Ботас, Серхио Перез и Ландо Норис.
Од инцидентот, оштетен остана и Макс Ферстапен, кој накрај мораше да се задоволи само со еден освоен бод.
Неговиот конкурент за титулата, Луис Хамилтон, исто така имаше проблеми, но успеа да го достигне подиумот и да го преземе водството во генералниот пласман.
Помеѓу Окон и Хамилтон се пласираше Себастијан Фетел, кој го освои својот втор подиум сезонава.
Задоволни од единаесеттата трка во 2021 беа и членовите на ,,Вилијамс”, кои ги освоија првите поени во сезоната, откако Николас Латифи и Џорџ Расел ги зазедоа осмото и деветтото место.
Освен наведените возачи, во бодови завршија уште Карлос Саинц, Фернандо Алонсо, Пјер Гасли и Јуки Тсунода.