Тринаесеттата трка во тековната Формула 1 сезона беше одржана на патеката ,,Енцо е Дино Ферари” во близина на градот Имола во регионот Емилија Ромања, во Италија.
Воедно, оваа трка беше вкупно 100. на италијанско тло во досегашната историја.
До 93. победа во кариерата дојде Луис Хамилтон, кој беше неприкосновен во водството речиси две третини од вкупното времетраење на трката, а неговиот клупски колега, кој стартуваше од пол-позицијата, Валтери Ботас, беше второпласиран.
Најважниот момент од денешната сесија беше излетувањето на Макс Ферстапен на тринаесет кругови до крајот, додека ја заземаше втората позиција.
Неговото излетување беше клучно за комплетирање на подиумот, каде што, по вторпат сезонава, се најде Даниел Рикијардо, а безбедносното возило донесе возбудувања и претекнувања низ сите страни на патеката.
Имено, на одличното четврто место се пласира Данил Квјат, оставајќи го зад себе Шарл Леклер.
Освен наведените петмина, поени освоија уште Перез, Саинц, Норис, Раиконен и Џовинаци.
Со новата 1-2 победа, ,,Мерцедес” и математички ја освои седмата конструкторска титула во низа за потполна доминација од 2014 наваму.



