Мини-турнејата ,,Вилинген 6″ што е во склоп на Светскиот куп во ски скокови, беше завршена денес со второто индивидуално натпреварување.
Истото беше сведено на само една серија поради неповолните временски услови, а од истата причина беа одложени и денешните квалификации.
До победата на денешното натпреварување и на целата скратена мини-турнеја дојде водечкиот во генералниот пласман, Халвор Егнер Гранеруд, кој скокна одлични 149 метри.
За Гранеруд, ова е деветта победа во сезоната со која стана апсолутен норвешки национален рекордер по бројот на победи во една сезона.
На втората позиција се радуваше Пјотр Жила, кој беше за нијанса подобар од третопласираниот Маркус Ајзенбихлер.
До четвртото место, односно до најдобриот пласман во кариерата, дојде рекордерот на скокалницата, Клеменс Муранка, а во топ 5 се пласираше и второпласираниот на ,,Вилинген 6″ – Даниел Андре Танде.
Во продолжение, пласман во првите десет изборија уште: Штефан Крафт, Даниел Хубер, Пиус Пашке, Симон Аман и Давид Кубацки.
📸 FABRICE COFFRINI/AFP via Getty Images