
Екипата на Кембриџ Јунајтед, откако доминираше во текот на целата сезона, ќе мора да почека најмалку уште еден ден за да го загарантира своето враќање во Лиг 1 после две децении.
Имено, доколку фудбалерите на универзитетскиот град избореа макар бод во 45. коло против Херогејт – славјето во Кембриџ ќе можеше да започне.
Сепак, Јунајтед го загуби овој важен дуел во потполно луда партија, која заврши со 5-4 во корист на Херогејт.
После само 20 минути игра, новајлиите во Лиг 2 веќе водеа со навидум убедливи 3-0, ана пауза заминаа со предност од 4-2.
Во првото полувреме, хет-трик за домаќините постигна Брендан Кирнан (9′, 20′ п., 32′), а уште еднаш стрелаше Марк Бек (13′).
Од друга страна, голгетери за Кембриџ Јунајтед беа Вес Хулахан (26′) и Лук Хенант.
Во второто полувреме, фаворитите успеаја да израмнат на 4-4 со двата голови на Пол Малин (59′, 74′ п.).
Со денешните забивања, Англичанецот дополнително се зацврсти на првото место на листата на стрелците со 31 постигнат погодок во тековната сезона.
Сепак, на шест минути пред крајот, Кевин Локо (84′), со својот дебитантски гол во дресот на Херогејт, успеа да му го нанесе третиот пораз на последните пет средби на Кембриџ Јунајтед.
На табелата, со натпревар повеќе во однос на конкурентите, Кембриџ остана на втората, а Херогејт се искачи на петнаесеттата позиција.



