
Дербито, а воедно и последниот меч на 42. коло од англиската Национална лига го одиграа Нотс Каунти и Сатон Јунајтед.
На него, Нотс Каунти дојде до првата победа после точно еден месец, откако триумфираше во завршницата со 3-2.
,,Црно-белите” дојдоа до предност од 1-0 уште на самиот старт, кога Рубен Родригеш (8′) ја затресе мрежата на Дин Бузанис.
До крајот на првото полувреме, со дванаесеттиот овосезонски погодок, на 1-1 израмни најдобриот стрелец на Сатон – Ајзак Олаоф (20′).
И второто полувреме започна исто како првото, односно со ново брзо водство на Нотс Каунти.
Овој пат, за домашниот состав стрелаше нивниот најефикасен фудбалер, Кајл Вутон (48′), кој се запиша во листата на стрелците по тринаесетти пат во сезоната.
Веќе во 62. минута Сатон дојде до ново израмнување со голот на Омар Бугиел, а Нотс Каунти остана со играч помалку пет минути подоцна, откако втор жолт картон доби Дион Кели-Еванс.
Сепак, иако имаа десетмина на теренот, ,,Страчките” од Нотингем ги заработија сите три поени во судиското продолжение, благодарение на прецизниот шут од пенал на првиот денешен стрелец – Родригеш (90+5′).
Со вчерашната победа од 0-2 над Честерфилд, Торки Јунајтед повторно ја презеде контролата во свој посед и го спушти Сатон на второто место.
Од друга страна, Нотс Каунти ја држи осмата позиција со натпревар помалку во однос на најблиските конкуренти.



