Наполи без никакви проблеми ја победи Специја со 4:2 и се пласира во полуфиналето од Купот на Италија. За четвртиот гол за наполитанците во 69 минута стрелец беше Елиф Елмас.
По завршувањето на мечот, тренерот на Наполи, Џенаро Гатузо, се налути откако повторно го прашаа дали е загрижен за тоа дали може да добие отказ или да даде оставка.
„Што не ги прашате другите тренери. Јас нема да дадам оставка, претседателот на клубот ми даде уверување дека нема да ме смени, но мене гаранции не ми се потребни. Јас тука сум вработен, па ако ме сменат, тоа е. Јас сум единствен кој четири години по ред играм во полуфиналето на Купот, но не слушнав некој да каже добар збор. Би сакал да видам како би му било на Интер да е еден месец без Лукаку и Лаутаро“ – рече лутиот Гатузо.
Гатузо додаде дека и да си замине од Наполи, многу брзо ќе најде нова работа.
„Ако го победиме Јувентус во заостанатиот меч, ќе се искачиме на третото место на табелата, но и тоа нема да биде доволно. Нема проблем, ќе работам тука додека не добијам отказ, ама јас можам за две минути да најдам работа во Кувајт или таму некаде” – кажа на крај Гатузо.



