
Премиерното натпреварување од новата сезона на Светскиот куп во ски скокови во машка конкуренција се одржа во рускиот Нижњи Тагил.
На него, после две серии, најдобар беше Германецот Карл Гајгер, кој воедно имаше и најдалечен скок од 134,5 метри.
Светскиот шампион од 2018/19, Рјоју Кобајаши, го заврши денот на второто место, односно за едно место подобро во однос на првата серија.
Актуелниот првак, Халвор Егнер Гранеруд, беше прв после првиот скок, но потфрли во вториот обид и мораше да се задоволи со најниското место на пиедесталот.
Јапонецот Наоки Накамура го испушти подиумот, но сепак успеа да го избори својот најдобар пласман, односно четвртото место.
Победникот на вчерашните квалификации, Камил Штох, беше дваесетти во првиот дел, но со третото најдобро издание во вториот, скокна до петтата позиција.
Од останатите натпреварувачи, пласман во првите десет изборија уште Маркус Ајзенбихлер, Анже Ланишек, Цене Превц, Роберт Јохансон и Јукија Сато.