
Во модерниот фудбал, каде што преовладуваат парите, делува практично невозможно некој од новајлиите во елитата да успее да ги симне од тронот актуелните шампиони.
Сепак, во минатото, овој случај бил рамен на чудо, но пореален, а кога е во прашање англискиот фудбал, истото сценарио му пошло од рака на Ипсвич Таун.
Иако популарните ,,Трактор Бојс” се заглавени во третата лига уште од 2019, можат да се пофалат со историска титула на Англија од сезоната 1961/62.
Од своето формирање во 1878, Ипсвич играл во регионални натпреварувања на областа Сафолк, а во третата лига на Англија влегол дури во 1938.
После неколкудецениски авантури, клубот од Сафолк, во 1960/61, станал шампион на втората дивизија и за првпат во својата историја изборил пласман во првата лига.
Дебитантската сезона во елитата завршила на најдобар можен начин за навивачите на Ипсвич, односно со освојување на првата и засега единствена национална круна.
На чело на историскиот тим на ,,Трактор Бојс” стоел поранешниот фудбалер на Тотенхем и на Саутемптон, Алф Ремзи, кој ја презел тренерската одговорност уште во 1955, кога клубот бил третолигаш.
Првата прволигашка сезона на Ипсвич не започнала сјајно, но триумфот од 6-2 над тогашниот гигант Барнли кон крајот на август, им дал надеж на навивачите.
Во тој период, градот имал 113 000 жители, а победата против бранителот на титулата, Тотенхем, на ,,Портмен Роуд” ја гледале дури 28 778 гледачи, односно 22,13% од вкупната популација.
На крајот на септември, Ипсвич го држел шестото место, во октомври скокнал на четвртата позиција, а во ноември бил втор.
За првпат, претставниците на Сафолк се нашле на врвот во март, со четири бода повеќе во однос на Барнли, кој имал одиграно четири натпревари помалку.
Накрај, титулата била одлучена во последното коло, кога Ипсвич ја поразил Астон Вила, а Барнли ремизирал со веќе релегираниот Челзи.
Наредната сезона, Ипсвич играл во Европскиот куп (сегашна Лига на шампиони), а цехот го платил со завршување на дури седумнаесеттата позиција во лигата.
Тренерот Алф Ремзи, во 1963 станал главен селектор на англиската репрезентација, а Ипсвич уште истата година доживеал релегација назад во втората лига.
После три сезони, Ипсвич се вратил во елитата, станал стабилен прволигаш и дури го освоил УЕФА Купот во 1980/81, но оттогаш почнал и неговиот пад, односно големиот престој во втората дивизија.
Последен пат, овој клуб играше во Премиер лигата во 2002, а само една сезона претходно, како повратник од втората лига, го освои петтото место.
Успехот на Ипсвич од 1961/62 важи за фудбалско чудо во модерниот свет, а негов еквивалент би била хипотетичка премиерлигашка титула на Виган во 2095/06, на Хал во 2008/09 или на Барнмут во 2015/16.