Петар Јовановски повторно беше избран за претседател на Одбојкарската федерација на Македонија. На вчерашното Изборно собрание во Штип, од вкупно 21 делегат, 17 му дадоа поддршка и го реизбраа Јовановски на челната позиција во нашата одбојка и во наредните четири години. Потсетувајќи на неодамнешните успеси на македонската машка сениорска репрезентација, која што првпат учествуваше на европско првенство, старо-новиот претседател најави идентични цели, но работа со посилен интензитет.

На Собранието кандидатура истакна и поранешниот македонски репрезентативец, а сегашен играч на Вардар, Јовица Симовски. Неговата програма доби поддршка од четворица делегати – претставници на клубовите од Првата лига во машка и во женска конкуренција.

Делегатите на Изборното собрание го прифатија извештајот за работа на Федерацијата, а претставниците на ОК Вардар имаа забелешки за финансискиот отчет, по што беше решено оваа точка да се разгледува на наредното Собрание. Тогаш клубовите ќе гласаат и за новиот Статут откако во рок од 30 дена ќе достават предлози за негова измена и за дополнување.

Извор и фото: Одбојкарска федерација на Македонија