Македонскиот ракометен репрезентативец Филип Талески се враќа во Вардар 1961, откако мина две сезони во португалската Бенфика. Трансферот е во завршна фаза, а официјалната промоција се очекува пред Ф4 турнирот во Охрид викендов.
Талески, кој има 29 години, повторно ќе го облече „црвено-црниот“ дрес во потрага по поголема минутажа, лидерска улога и стабилност. И покрај интересот од други домашни и странски клубови, тој одлучи да се врати во тимот со кој веќе има освоено три шампионски титули и Куп на Македонија.
Кариерата ја започна во Металург, а потоа настапуваше за Рајн Некар Левен и Балинген во Германија, стекнувајќи големо интернационално искуство. Враќањето во Вардар се смета за стратегиски потег во обид за нова афирмација и враќање во врвна форма.




