Првата овогодишна трка во Ф1 ни донесе огромен број на возбудувања. Имено, на врвот ситуацијата беше идентична од стартот до целта – Валтери Ботас ја одбрани својата пол-позиција и стигна до првата победа во 2020 година.
Сепак, интересните случувања се одвиваа од втората, па сè до последната позиција. Поради дефекти со болидите, предизвикани од недостаток на тестирања, трката ја завршија само единаесет од вкупните дваесет возачи. Првпат после трката во Хокенхајм (28 јули 2019), се случува да се откажат девет болиди. Единствен кој не успеа да освои поени беше дебитантот Николас Латифи од таборот на „Вилијамс“. Помеѓу оние возачи кои не ја завршија трката се најдоа: Квјат, Албон, Раиконен, Расел, Грожан, Магнусен, Строл, Рикијардо и Ферстапен.
На втората позиција заврши Шарл Леклер (Ферари), додека до првиот подиум во својата кариера стигна Британецот Ландо Норис. Норис успеа да профитира благодарение на казната од пет секунди што ја доби Луис Хамилтон после еден неспортски потег со кој му предизвика проблеми на Албон.
Поради оваа казна, Хамилтон заврши како четвртопласиран, а веднаш зад него се најде Карлос Саинц, кој исто како и неговиот тимски колега, профитира од казната од пет секунди на Перез после инцидентот со Норис. Токму Перез беше возачот кој се најде на шестото место, а зад него завршија Гасли, Окон, Џовинаци и Фетел.