
Денешната програма од дваесет и второто коло од шкотскиот Премиершип беше исполнета со две градски дербија.
Имено, во 652. дерби на Единбург, Хиберниан и Хартс ремизираа по 161. пат во историјата, одигрувајќи 0-0.
После ,,сиромашното” прво полувреме, следуваше возбудлив втор дел во кој, најмногу се истакнаа двајцата голмани – Кевин Дабровски (Хиберниан) и Крег Гордон (Хартс).
Со ист резултат заврши и 173. издание на најблиското дерби на британското копно помеѓу Данди ФК и Данди Јунајтед.
На овој меч, номиналните гости важеа за фаворити, но ,,Сините” успеаја да останат непоразени на ,,Денс Парк” во меѓусебните лигашки дуели за првпат после 2 мај 2016.
На табелата, Хартс и Хиберниан го заземаат третото, односно петтото место, Данди Јунајтед е седми, а Данди ФК остана на дното, но се израмни на бодови со претпоследниот Ст. Џонстон.
,,Шлагот на тортата” на дваесет и втората рунда ќе биде утрешното ,,Олд Фирм Дерби” помеѓу двете првопласирани екипи – Ренџерс и Селтик.




