
На денешната програма од шкотскиот Премиершип беа пет од вкупните шест натпревари од последното триесет и трето коло од регуларната сезона. Помеѓу нив спаѓаа градските дербија на Единбург и на Данди како и три останати интересни пресметки.
Абердин 0-1 Рос Каунти
Во битката за пласман во плејоф-групата, Рос Каунти го порази Абердин на гостински терен со минимални 0-1. Гостите беа инфериорни во текот на речиси цел натпревар, но дојдоа до трите поени со голот од пенал на Џозеф Хангбо (86′) после само четири минути поминати на теренот.
Селтик 7-0 Ст. Џонстон
Селтик ја оправда фаворитската улога против претпоследниот тим на табелата, Ст. Џонстон, поразувајќи го со убедливи 7-0. Од редовите на актуелните лидери, во листата на стрелците се запишаа Рео Хатате (8′), Јоргос Јакумакис (22′), Даизен Маеда (36′), Јосип Јурановиќ (п. 51′), Метју О’Рајли (70′, 73′) и Лиел Абада (78′). Доминацијата на „Зелено-белите“ беше очигледна, особено во следните параметри: посед на топка (84%-16%), вкупен број на шутеви (23-1) и шутеви во рамките на голот (10-0).
Данди Јунајтед 2-2 Данди ФК
Во 174. градско дерби на Данди, Јунајтед и ФК ремизираа по 44. пат на меѓусебните дуели, одигрувајќи 2-2. Заклучно со 55. минута, Јунајтед стекна навидум убедливо водство со головите на Николас Кларк (12′) и на Чарли Малгру (55′). Сепак, номиналните гости од „Денс Парк“, дојдоа до неочекувано израмнување во интервал од две минути и покрај аутсајдерската улога, благодарение на Даниел Мален (59′) и на ветеранот Чарли Адам (61′).
Хартс 3-1 Хиберниан
Хартс го порази Хиберниан со 3-1 во 328. компетитивно градско дерби на Единбург, доаѓајќи до 145. победа во историјата против својот најголем ривал. Хиберниан подобро влезе во дуелот и стекна водство од 0-1 во петтата минута преку првиот овосезонски погодок на Дреј Рајт. Во судиското птодолжение на првото полувреме, номиналните домаќини израмнија преку Енди Холидеј (45+1′), а истиот играч погоди и за поставување на конечниот резултат во 68. минута. Помеѓу неговите два гола, во листата на стрелците се запиша уште Стивен Кингсли (47′).
Ливингстон 2-2 Мадервел
Во сличен меч како претставата на „Тенадис Парк“ во Данди, Ливингстон и Мадервел ремизираа со 2-2. Домашниот состав, после еден час игра, поведе со 2-0, благодарение на Один Бејли (26′) и на Алан Форест (58′). Четиринаесет минути по вториот погодок, Калум Слатери (72′) го преполови дефицитот на домаќините, а во самиот финиш, Рики Леми (90+3′) донесе израмнување.
Во текот на утрешниот ден, на „СМИСА Стадиум“ во Пејсли, фудбалерите на Ст. Мирен ќе ја дочекаат екипата на Ренџерс и ќе го комплетираат колото.