
Вториот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во крос-кантри започна со денешните хронометарски трки на десет километри.
Во женска конкуренција, триумф избори шампионката од 2020/21, Џеси Дигинс, која ја отскија делницата за 23:49,5 минути.
На второто место се пласираше Германката Катарина Хених (+3,8), искачувајќи се на четвртата позиција во генералниот поредок.
Пиедесталот го комплетираше Хајди Венг (+15,4), а без подиум за една, односно за пет десетинки останаа Еба Андерсон (+15,5) и Ане Кјерсти Калваа (+15,9).
Кај мажите, домашната репрезентација имаше потполна доминација, заземајќи девет од првите десет позиции.
До првата победа во кариерата дојде Ивер Тилдхајм Андерсен (21:12,6), кој одлично го искористи отсуството на Јоханес Клебо.
На подиумот завршија и неговите сонародници, Дидрик Тонсет (+2,8) и Ханс Кристер Холунд (+9,1), а единствен што ја разби норвешката монотонија беше четвртопласираниот Британец – Ендру Масгрејв (+12,5).