Осмипат по ред, а трет сезонава, Џио Струмица го совлада Универзитет во Тетово во дербито на македонската одбојка. Во спортската сала “Млади”, последниот освојувач на двојната круна славеше над финалистот на купот во 2019 со 3:2 (25:19, 25:22, 20:25, 18:25 и 15:10), а со тоа ја задржа победничката низа во Првата лига. Тетовци го претрпеа четвртиот пораз, но поради бод повеќе од Вардар, се наоѓаат на второто место.
Универзитет во Тетово го имаше коректорот Јовица Симовски со 33 поени, но четворица струмичани беа двоцифрени, а техничарот Ефтим Ричлиев освои девет, па колективниот ефект на гостите го неутрализираше поранешниот македонски репрезентативец. Николов освои 17 поени, од коишто три клучни блока во решавачкиот сет, Урдов заработи 14, Милев 13, а Костиќ 11. Кај Универзитет во Тетово, покрај Симовски, двоцифрен беше само Бериша, а засилувањето на примачка дијагонала, србинот Стефан Марковиќ, кој дебитираше, заврши со 9 поени.
До крајот на лигашкиот сегмент, тетовските одбојкари ќе одиграат уште четири дерби натпревари, а Џио Струмица пет, но и покрај тоа останува само теоретската опција Универзитет да се обиде да го загрози водечкото место на ривалот.