Вкупно 77. дерби на западен Лондон го отвори четиринаесеттото овосезонско коло од англискиот Чемпионшип.
Имено, Брентфорд на својот ,,Брентфорд Комунити Стадиум” ја пречека екипата на КПР.
Мечот започна со интензивно темпо, кое беше крунисано со голот од дваесетина метри на Витали Јанелт (14′). За Германецот, ова беше дебитантски погодок во Чемпионшип што му донесе почетно водство на Брентфорд од 1-0.
Веќе во 26. минута, КПР израмни на 1-1, со петтиот овосезонски гол на Линдон Дајкс, по одличната асистенција на Брајт Осаји-Самуел.
Резултатот од 1-1 остана активен сè до 64. минута, кога Ајван Тони им донесе ново водство на домаќините со својот дванаесетти гол сезонава. 24-годишниот напаѓач, со овој погодок, се израмни на првото место на листата на стрелците со асот на Блекбурн – Адам Армстронг.
Накрај, Брентфорд ја оствари јубилејната триесетта победа над КПР, односно четврта во низа над лутиот ривал, откако ,,Ренџерите” останаа со десетмина на теренот по вториот жолт картон на Тод Кејн (84′) за фаулот над Маркус Форс.
За КПР продолжува лошата серија и лошата традиција, кога станува збор за натпреварите одиграни во петок. Имено, момците од ,,Лофтус Роуд” имаат одиграно дваесет средби во петок во последните шест години и на истите имаат само една победа од 1-0 над Астон Вила на 26 октомври 2018.
Со новите три поени, Брентфорд скокна на четвртото, додека КПР остана на тринаесеттото место. Вреди да се напомене дека, во моментот, овие две екипи имаат натпревар повеќе во однос на сите конкуренти.



