
На првото поединечно натпреварување од Светскиот куп во ски скокови во женска конкуренција, одржано во Хинценбах (Австрија), двојна победа запиша Словенија.
Имено, на 153. настап, до првиот триумф во својата кариера дојде Урша Богатај, која беше единствена со два скока подолги од деведесет метри.
Нејзината сонародничка, Ника Крижнар, го освои второто место, а за првпат на пиедесталот се искачи домашната натпреварувачка – Лиза Едер.
Четвртото место го зазеде Швеѓанката Фрида Вестман, а лидерката во генералниот поредок, Марита Крамер, заврши на петтата позиција.
Во продолжение, во првите десет се најдоа уште: Јуки Ито, Силје Опсет, Софија Тихонова, Абигејл Стрејт и Ана Одине Стрем.