
Во пресрет на последното коло од италијанската фудбалска Серија Б, екипата на Салернитана има изгледни шанси за враќање во елитата за првпат после 1998/99.
Имено, фудбалерите на Фабрицио Кастори се наоѓаат на второто место со два поени предност во однос на третопласираната Монца.
Причина за подемот на Салернитана е Клаудио Лотито, кој воедно е и сопственик на Лацио уште од 2004 година.
Контроверзниот Лотито има голем дел од акциите на Салернитана, а улогата на негови партнери ја заземаат синот Енрико и основачот на групацијата ,,Моргенштерн” – Марко Мецарома.
Зад името на Мецарома се крие скандал со обложување уште од неговите денови како претседател на Сиена, кој резултираше со пропаѓање на клубот од Тоскана.
Челниците на италијанската фудбалска асоцијација не дозволуваат ист човек/иста фамилија да има удел во два клубови од иста лига.
Со самото тоа, јасно се дава до знаење дека, доколку Салернитана се врати во Серија А, Енрико и Клаудио Лотито ќе мораат да се откажат од клубот и целосно да го препуштат во рацете на Мецарома.
Сепак, овде се појавува уште една опција: доколку 63-годишниот Италијанец одлучи да остане поврзан со Салернитана, ќе биде приморан да се откаже од Лацио.
Засега, останува неодговорено прашањето дали Лацио или Салернитана ќе ја започне новата Серија А сезона без или со нови сопственици.
За да се дојде до одговорот, потребно е Салернитана да освои најмалку еден поен во последното коло против Пескара или Монца да направи кикс против Бреша.



