
Четириесет и четвртото издание на рели-трката Дакар, траеше од 1 до 14 јануари 2022.
Истото беше одржано во Саудиска Арабија по третпат во низа, почнувајќи од градот Ха’ил и завршувајќи во Џедах.
За првпат во историјата, Дакар се состоеше од седум различни главни категории: мотоцикли, четирицикли, автомобили, прототип Т3 возила, ССВ Т4 возила, камиони и класици.
Во мотоциклистичката конкуренција, во генералниот пласман триумфираше шампионот од 2017, Сем Сандерленд, кој ја освои осмата етапа и ги остави на подиумот Пабло Квинтаниља и Матијас Валкнер.
Историја во единствената категорија со две тркала испиша Данило Петручи, кој, освојувајќи ја петтата етапа, стана првиот поранешен возач на МотоГП со етапен триумф на Дакар.
Кај автомобилите, Насер Ал-Атијах, со три победени етапи, дојде до четвртата круна во својата кариера, односно прва после 2019.
Најблиски конкуренти на Катарецот му беа Себастијан Леб и Јазид Ал-Раџи, а присутен беше и шампионот од 2020 – Карлос Саинц.
Во трките со камиони, очекувана беше руската доминација, која даде победник на секоја од вкупните дванаесет етапи.
По двете втори места во 2017 и во 2019, до првата титула во кариерата дојде Дмитри Сотников, кој воедно победи и на пет етапи.
Зад Сотников се пласираа неговите сонародници: Едуард Николаев, Антон Шибалов и Андреј Каргинов.
Во останатите категории, шампиони беа Алесандр Жиру (четирицикли), Франциско Лопез Контрадо (прототип Т3), Остин Џонс (ССВ Т4) и Серж Моњо (класици).




