Првиот овосезонски слалом во Светскиот куп, во алпско скијање во машка конкуренција, беше одржан во италијанскиот ски-центар Алта Бадија.
После првата серија, изненадувачки на првата позиција се најде Италијанецот Алекс Винатцер, кој имаше 27 стотинки предност во однос на второпласираниот Даниел Јул. Скијачите од втората заклучно со осмата позиција се наоѓаа во 25 стотинки еден од друг. Во оваа група, освен Јул, спаѓаа: Михаел Мат, Себастијан Фос-Солевааг, Хенрик Кристоферсен, Алексис Пантуро, Виктор Муфа-Жанде и Рамон Ценхојзерн.
Токму Ценхојзерн, накрај успеа да триумфира по четврти пат во кариерата, односно по вторпат во слалом.
Швајцарецот, на подиумот беше придружен од австриското дуо Мануел Фелер (+0,08) и Марко Шварц (+0,12). Овие двајца скијачи имаа извонреден напредок во втората серија при којшто дојдоа до пиедесталот од тринаесеттата и од десеттата позиција.
Во продолжение, пласман во првите десетмина изборија уште: Алекс Винатцер (+0,19), Виктор Муфа-Жанде (+0,31), Хенрик Кристоферсен (+0,37), Даниел Јул (+0,47), Танги Неф (+0,56), Себастијан Фос-Солевааг (+0,57) и Дејв Рајдинг (+0,70).



