Втор викенд по ред, пилотите од Формула 1 се тркаат во Бахреин, но овој пат на благоизменетата патека за големата награда на Сахир.
На денешните квалификации, ,,Мерцедес” повторно го зазема првиот стартен ред, составен од Валтери Ботас и од Џорџ Расел.
Освен 16. пол-позиција на Ботас, изненадува и фактот дека за првпат после 36 квалификации, Расел изгуби од тимски колега. За да дојде до ова, Британецот мораше да го смени ,,Вилијамс” со ,,Мерцедес”, поради позитивниот КОВИД-19 тест на Луис Хамилтон. Воедно, за Расел ова ќе биде најдобра стартна позиција во својата млада досегашна кариера.
Третата позиција, речиси стандардно, му припадна на Макс Ферстапен, а во третата сесија успеаја да се квалификуваат уште Леклер, Перез, Квјат, Рикардо, Саинц, Гасли и Строл, по квалификациски редослед.



