Еурофарм Пелистер доживеа два тешки порази на првите натпревари во Лигата на шампионите. На првиот натпревар загубија од норвешки Колштад, а потоа и од дански Алборг.
Вечерва на домашен терен ги очекува тежок натпревар против германскиот великан Кил.
„Кил е секогаш Кил, но не треба да влеземе во натпреварот со преголемо почитување. Тие се светска екипа и освојуваа многу титули и треба да се бориме до крај и да се обидеме да извлечеме добар резултат, ако тоа е возможно. Пред домашната публика, која е меѓу најдобрите во светот, можеме да парираме и да се бориме до крајот. Кил игра на многу контри и полуконтри, но ќе се обидеме да ги лимитираме и да возвратиме. Веруваме дека можеме да се наметнеме. Кил има промени за разлика од ростерот минатата сезона, ќе се погрижиме да уживаме и да одиграме најдобро што можеме. Не беше убаво да се загубат натпреварите и против Вардар 1961 и во Лигата на шампионите. Знаеме каде грешевме и верувам дека ќе се поправиме. Добро ни дојдоа победите во Суперлигата, растеме како тим и желно го чекаме натпреварот против Кил“, изјави левиот бек Урош Борзаш во пресрет на натпреварот.