Вториот супервелеслалом во низа во Ст. Моритц, Швајцарија, во рамките на Светскиот куп во алпско скијање во женска конкуренција беше дел од денешната зимска програма.
На него, Федерика Брињоне (57,81) ја врати формата од шампионската сезона 2019/20 и славеше по седумнаесетти пат во кариерата, односно по петти пат во оваа дисциплина.
Со новиот триумф, Брињоне стана најуспешна италијанска скијачка во историјата, претекнувајќи ја Дебора Компањони.
Нејзината сонародничка, Елена Куртони (+0,11) дојде до шестиот подиум во кариерата и прв во ,,супер џи” после 25 февруари 2017, откако денес го зазеде второто место.
Подиумот во швајцарскиот ски-центар го комплетираше Американката Микаела Шифрин (+0,43), која беше за девет стотинки побрза од четвртата Алис Робинсон (+0,52).
Најдобра Австријка беше петтопласираната Рамона Зибенхофер (+0,74), а веднаш зад неа заврши Софија Гоџа (+0,75).
Од останатите скијачки, во првите десет се пласираа уште Јасмин Флури (+0,82), Марта Басино (+0,83), Франческа Марсаља (+0,84) и Мишел Гизин (+0,98).
Најголемата фаворитка и победничка од вчерашната трка, Лара Гут-Бехрами, претрпе сериозен пад и остана без бодови.
Швајцарката успеа да се врати на скиите и да ги отпоздрави домашните фанови, но сепак засега нема информации колкава е тежината на нејзините повреди.
Сепак, резултатот на денот го оствари неверојатната Босанка, Елведина Музаферија (+1,60), која го освои фантастичното осумнаесетто место и испиша историја за босанскиот спорт.