Во рамките на 14. коло од Премиер лигата, по 146. пат во историјата, силите ги одмерија ВБА и Астон Вила.
Нивните стадиони се наоѓаат на шест километри оддалеченост, со тоа што ,,Хоторнс” е ситуиран во предградието Вест Бромвич, а ,,Вила Парк” во Бирмингем.
Астон Вила денес ја запиша 69. победа над (при)градскиот ривал, триумфирајќи со 3-0.
За Сем Алардајс, новиот тренер на ВБА, ова беше втор пораз на дебито во нов клуб, но треба да се земе предвид дека домаќините останаа со играч помалку во 36. минута, кога капитенот Џек Ливермор доби црвен картон за стартот над Џек Грилиш.
Стрелци за Астон Вила на денешната средба беа Анвар Ел-Гази (5′, 87′ од пенал) и Бертранд Траоре. За фудбалерот од Буркина Фасо, ова беше прв премиерлигашки погодок после 5 март 2016, кога стрелаше заЧелзи против Стоук.
Со новите три поени, Астон Вила скокна на деветтото место, со натпревар помалку во однос на блиските конкуренти. Од друга страна, ВБА останува во опасната зона, односно на претпоследната позиција.