Македонскиот репрезентативен лев бек Езџјан Алиоски и дефинитивно ќе игра во Саудиска Арабија откако го потпишал двегодишниот договор вреден пет милиони евра со Ал Ахли, со што завршува сапуницата за брзоногиот фудбалер околу тоа каде ќе ја продолжи кариерата.
Како што објави новинарот Руди Галети, Алиоски договорил сѐ со Ал Ахли и во следните две години ќе игра за овој саудиски клуб, а ќе заработи вкупно пет милиони евра. Оди во Саудиска Арабија како слободен играч, откако летово му заврши договорот со англиски Лидс.
За Алиоски летово беа заинтересирани Галатасарај, Фенербахче, Трабзонспор, се споменуваше и италијанска Рома, но на крајот левиот бек се реши да ги избере парите пред предизвикот, зашто ниту еден заинтересиран клуб не можеше да му ги исполни финансиските барања од најмалку два милиони евра годишна плата.
Останува да се види колку овој потег на Алиоски да оди во Саудиска Арабија ќе му биде добар на фудбалски план, зашто далеку е саудиското првенство од ритамот во европските лиги и колку сето ова ќе бие позитивно или негативно во македонската репрезентација во продолжението на мундијалскиот циклус.
Ферхан Хасани имаше една кратка епизода во Саудиска Арабија, но таму ниту се изнаигра, ниту беше нешто премногу спремен за настапите за македонската фудбалска репрезентација.