Новата сезона од АФЛ, најквалитетната лига за австралиски фудбал, започна денес пред празните трибини на „Мелбурн Крикет Граунд“ предизвикани од Коронавирусот. Во првиот натпревар се соочија актуелните шампиони, Ричмонд Тигерс, и Карлтон Блуз. Двата тима потекнуваат од Мелбурн, а во последните сезони Ричмонд е далеку подобар од својот денешен ривал.
Истите две екипи, пред месец и пол, ја отворија и новата сезона во женската конкуренција на АФЛ.
Во пресрет на денешниот дуел, Ричмонд триумфираше на последните шест меѓусебни натпревари од првото коло. „Тигрите“ ја завршија минатата сезона со дванаесет последователни победи што дополнително ја зголеми фаворитската улога пред овој меч. За Карлтон, вреди да се напомене дека Еди Бетс, асот што беше доведен во преодниот рок, поради повреда не го одигра овој натпревар. Од друга страна, позитивен беше фактот што на теренот се врати Сем Дохерти после 936 дена. Блуз во почетниот состав имаа и Македонец на теренот, а станува збор за Сем Петревски-Сетон кој од 2017 го носи дресот на овој тим.
Првото полувреме помина во знакот на Ричмонд кој беше поубедлив со резултат од (11.3) 69-23 (3.5). Најефикасен во првиот дел беше Џек Риволдт (Ричмонд) со (3.1) односно вкупни деветнаесет поени.
Во третата четвртина, Карлтон го надигра својот соперник со (5.2) 32-20 (3.2), а најзаслужен беше Џек Мартин кој имаше учинок од (4.0) односно дваесет и четири поени. Мартин го заврши натпреварот со (4.1) и беше најефикасен играч израмнувајќи го својот рекорден учинок од четири голови на еден натпревар.
Последната чевтртина повторно помина со резултатска предност во корист на Карлтон, но на крај Ричмонд ја оправда фаворитската улога победувајќи со (16.9) 105-81 (12.9).
Најинтересните моменти од овој натпревар можете да ги погледнете на следниот линк: https://www.afl.com.au/matches/2214#news-videos



