
Харлингот, кој е најстар, а воедно и национален спорт на Ирска, денес ја имаше својата овогодишна кулминација.
Имено, во финалето на 134. издание на Ол-Ајрленд Сениор Харлинг Чемпионшип, екипата на Лимерик ја освои својата десетта титула во историјата, односно трета во последните четири сезони.
,,Зелените”, во денешното финале, го надиграа составот на Корк со резултат од (1-22) 25-41 (3-32) и се запишаа во историјата како трет тим со две последователни титули после Вексфорд (1955 и 1956) и Голвеј (1987 и 1988).
Воедно, Лимерик стана најефикасен колектив во едно финале, а до ова достигнување драстично му помогна првото полувреме во кое постигна 27 поени (3-18).
Корк беше конкурентен само во воведната четвртина од натпреварот, а најефикасни играчи беа Патрик Хорган (0-12), Шејмус Харнеди (0-4) и Шејн Кингстон (1-0).
Од победничките редови, голови постигнаа Арон Џилејн (1-6) и Героид Хегарти (2-2), а Сиан Линч додаде шест поени (0-6).



