
Младиот охридски фудбалер за врска, Александар Ѓорѓиески, од денес официјално е член на прволигашот Борец.
Дваесетгодишниот Ѓорѓиески потпиша едногодишен договор со велешкиот состав со можност за продолжување на соработката.
Во досегашната сениорска кариера, Александар го носеше дресот на второлигашот Охрид, а минатата сезона беше еден од главните протагонисти во борбата за влез во ПМФЛ.
Ексклузивно за ,,Јави се јужна”, Ѓорѓиески одвои време да одговори на неколку прашања:
После одличната сезона во Охрид, дали очекуваше трансфер во клуб од ПМФЛ?
- Охрид одигра одлична сезона. Самите резултати зборуваат за тоа, но целта ни беше влез во ПМФЛ. Тоа не го остваривме, но завршивме на второто место, кое нè однесе во бараж против прволигашката екипа, Ренова, каде несреќно загубивме на пенали. Во Охрид, на индивидуално ниво, мислам дека имав одлична сезона, ги одиграв сите натпревари, го дадов максимумот и после завршувањето на сезоната бев во контакт со неколку екипи и се решив да ја прифатам понудата на ФК Борец, која беше најдобра.
Дали преминувањето во ФК Борец го сметаш за чекор нанапред во твојата кариера?
- Мислам дека преминувањето во ФК Борец е одличен потег, идеална средина за развој на еден млад играч. Направив добра одлука што преминав овде. Целта ми е да ну помогнам на тимот да постигне добри резултати во текот на сезоната и да напреднам што повеќе на индивидуален план.
Какви се твоите очекувања за наредната сезона, на индивидуален и на клупски план?
- Очекувањата за наредната сезона се да се направи добра и солидна екипа со која ќе им парираме на останатите клубови и да постигнеме задоволителни резултати. Лично јас, сакам да имаме што подобри резултати, да нема повреди кај мене и кај целиот тим, да напреднувам, да бидам подобар играч и да го дадам максимумот за ФК Борец. Ви благодарам за одвоеното време и за интервјуто.
Освен Ѓорѓиески, Борец во своите редови донесе уште четири квалитетни фудбалери, односно Енсар Љума, Ристе Каракамишев, Стефан Јакимовски и Кристијан Николов.
Патем, уште седум фудбалери на ,,Црвено-белите” ги обновија своите договори за наредната сезона.



