
Екипата на Вегас Голден Најтс е последната што избори пласман во овосезонското полуфинале, откако го елиминираше Колорадо Аваланш со вкупни 4-2.
Аваланш фуриозно ја започнаа серијата со водство од 2-0, но во продолжение следуваа четири последователни победи на Вегас.
На последниот меч, Голден Најтс славеа во голеада со резултат од 6-3.
После 23 секунди игра, Колорадо поведе преку Девон Тјус, а до крајот на првата третина, домаќините направија целосен пресврт со головите на Ник Холден и на Вилијам Карлсон.
Во втората третина и двете екипи постигнаа по два погодоци во наизменичен редослед.
За Голден Најтс стрелаа Киган Колесар и Алекс Пиетранџело, а мрежата на Марк-Андре Флери ја затресоа Мико Рантанен и Андреј Бураковски.
Третиот дел од мечот помина во знакот на ,,Златните витези”, кои иако беа статистички послаб противник, сепак забележија два погодоци за конечен триумф.
Најпрво, Вилијам Кериер зголеми на 5-3, а конечниот резултат го постави Макс Пачорети.
Во полуфиналето, Вегас ќе се соочи со Монтреал Канадиенс, кои со 4-0 ги ,,исчистија” Винипег Џетс.



