
Откако вчера заврши регуларната сезона на Чемпионшип и на Лиг 2, на денешната програма беше последното 46. коло од Лиг 1.
Во пресрет на истото, познати беа сите важни елементи, освен последниот учесник во плејофот.
После 45 одиграни средби, во најдобра позиција беше Портсмут, кој ја имаше судбината во своите раце.
Сепак, популарните ,,Помпи” беа поразени на домашниот ,,Фратон Парк” од Акрингтон Стенли со 0-1, благодарение на голот на Адам Филипс (23′) и накрај ја завршија сезоната на осмото место.
Од целата ситуација, најмногу профитираше Оксфорд Јунајтед, кој се пласираше во плејофот по вторпат во низа, иако ја започна сезоната 2020/21 на очаен начин.
,,Биковите” денес беа убедливи против Бартон Албион, славејќи со 4-0 со головите на Оламид Шодипо (10′), на Мет Тејлор (28′), на Елиот Ли (57′) и на Сем Винал (90+2′).
На табелата, помеѓу Оксфорд Јунајтед и Портсмут се вметна Чарлтон, кој поради послабата гол-разлика остана без доигрување.
Лондонскиот состав дојде до пирова победа од 1-0 над шампионот Хал Сити, откако Џејкоб Гривс (75′) постигна автогол.
Освен Оксфорд Јунајтед, во плејофот се пласираа Блекпул, Сандерленд и Линколн, додека директна промоција во Чемпионшип изборија Хал Сити и Питерборо.
Од друга страна, од лигата беа релегирани Рочдејл, Нортемптон, Свиндон и Бристол Роверс.



