
Неверојатната четврт-финална серија на Евролигата помеѓу Анадолу Ефес и Реал Мадрид заврши денес со ,,мајсторката” во Истанбул.
Имено, после вкупните 2-2 од првите четири пресметки, патник на Ф4 турнирот во Келн ќе Ефес, кој денес го доби Реал со 88-83.
Шпанските претставници делуваа покомпетентно во првото полувреме, кое заврши со 36-41 во нивна корист.
Сето тоа се должеше на фактот дека на паркетот се врати центарот Еди Таварес и дека одличната зонска одбрана ги лимитираше турските претставници на само четири поентери.
Сепак, Ефес ја презеде иницијативата во третата четвртина и со серијата од 20-3 поведе на максимални +12, односно на 56-44.
Четвртата четвртина беше неизвесна сè до последните четириесет секунди, кога клучната тројка за победата на Анадолу ја постигна Крунослав Симон со звукот на сирената од својот напад.
Накрај, Крис Синглтон (Ефес) беше најефикасен кошаркар на мечот со 26 поени, а веднаш по него следуваше Србинот Василије Мициќ со 18 кошеви.
Кај Реал, најпрецизен со вкупно 17 поени беше Нико Лапровитола, а уште 12 додаде и Треј Томпкинс.
Во полуфиналето ќе ја проследиме репризата на финалето од 2019, односно Анадолу Ефес ќе ги одмери силите со ЦСКА Москва, која со убедливи 3-0 го порази Фенербахче.



