
Во периодот од 27 април до 2 мај беше одржано 74. издание на Трката низ Романдија што воедно претставуваше и 17. настан од новата велосипедска сезона.
Станува збор за трка низ областа Романдија, која се наоѓа во западна Швајцарија и спаѓа во француското говорно подрачје.
Возбудата низ овој дел на Европа беше огромна во текот на целата недела.
Имено, водечките во генералниот пласман се сменија дури трипати пред целосно да триумфира Герент Томас (17:59:57).
Британецот имаше шанса да избие во водство уште после четвртата етапа, но на неа, поради пад во самиот финиш, му ја предаде жолтата маичка на победникот Мајкл Вудс.
Сепак, со третото место на последната етапа, возачот на Инеос успеа да дојде до вкупната победа, додека киксот на Вудс на последниот хронометар го чинеше четири позиции, односно го спушти на петтото место (+0:43).
Позади Томас, а пред Вудс, во вкупниот поредок се пласираа Ричи Порт (+0:28), Фаусто Маснада (+0:38) и Марк Солер (+0:39).
Освен Вудс, по една етапна победа запишаа Петер Саган, Сони Колбрели, Марк Солер и Реми Кавања, додека на прологот триумфираше Рохан Денис.
Трката низ Романдија, како најдобар млад и како најдобар планински велосипедист ја завршија Тимен Аренсман и Кобе Госенс.



