Поминаа десетина години, откако легендарниот доминикански играч Владимир Гереро доминираше низ терените за бејзбол ширум САД.
Сепак, истото име повторно се наоѓа на насловните страни, поради неговиот син Владимир Гереро Џуниор, кој прави чуда во дресот на Торонто Блу Џејс.
Синоќа, популарниот Влади имаше нереална партија против Вашингтон Нешоналс во која постави неколку рекорди.
Како напаѓач, Гереро имаше придонес во седум поени, а притоа постигна три хоум-рани од кои, едниот беше грен-слем.
На само 22 години и 42 дена, Влади стана најмладиот играч во историјата на МЛБ со постигнати три хоум-рани (вклучувајќи и еден грен-слем) на еден натпревар, надминувајќи го претходниот рекордер, Јордан Алварез, за само два дена.
Исто така, Доминиканецот стана најмлад играч во историјата на Блу Џејс со три грен-слемови во кариерата.
Имено, Гереро синоќа го предводеше Торонто до триумф над Вашингтон Нешоналс од 9-5.
Освен него, поени за канадскиот состав постигнаа Алехандро Кирк (х2), Каван Биџо, Бо Бишет (х2) и Џоу Паник.
Кај Вашингтон, поентери со хоум-ран беа Треј Тарнер (х2), Јадиел Хернандез и Рајан Цимерман.
На табелата на Националната лига, Вашингтон (8-12) е претпоследен, додека Торонто (11-11) го држи осмото место во Американската лига.
📸 Jason Miller/Getty Images



