Трката низ Алпите е петдневна велосипедска трка, која се одвива еднаш годишно на алпските предели во северна Италија, односно во јужна Австрија.
Сè до 2016, ова натпреварување се состоеше од четири етапи и беше познато под името Џиро дел Трентино, но оттогаш го смени називот поради спојувањето со еднодневната трка Трофео Мелинда.
Имено, Трката низ Алпите важи за најдобра подготовка за Џиро д’Италија, пред сè поради планинските патеки.
Нејзиното 44. издание се одвиваше во текот на изминатата недела, а како вкупен победник излезе Сајмон Јејтс (18:26:06).
Возачот на ,,Тим Бајк Ексчејнџ” славеше на втората етапа и оттогаш го презеде и водството во генералниот пласман што остана во негова сопственост до самиот крај.
Во вкупниот поредок, на второто и на третото место се пласираа Пељо Билбао (+0:58) и Александр Власов (+1:06), а пласманот во првите пет го комплетираа Џеферсон Сепеда (+2:25) и Хју Харти (+2:37).
На петте етапи, освен Јејтс, победи запишаа Џани Москон (х2), Пељо Билбао и Феликс Гросшартнер.
Токму Гросшартнер ја освои црвената маичка за најдобар спринтер, додека дресовите за најдобар млад и за најдобар планински возач им припаднаа на Сепеда и на Алесандро Де Марки.
📸 Tim de Waele/Getty Images



