Пенрит Пантерс се единствената екипа во новата НРЛ сезона, која сè уште нема пораз.
Имено, во увертирата на шестото коло, ,,Пантерите” ги поразија Бризбејн Бронкос со 12-20 и ја продолжија победничката серија на шест средби.
После првите четириесет минути, Бронкос имаа неочекувана предност од 12-10, но за жал на нивните навивачи, го загубија мечот во второто полувреме, откако не постигнаа ниеден поен.
Есеи за домаќините забележија Тевита Пангаи (17′) и Итан Булмор (34′), а една конверзија и еден пенал постигна Џамејн Исаако.
За гостите, во првото полувреме преку полагање поентираа Курт Кејпвел (11′) и Мет Бартон (26), а сите останати поени беа дело на Нејтан Клери, кој освен шутевите, донесе и еден есеј (78′).
За Бризбејн, ова е трет пораз во низа, доволен за тринаесеттото место на табелата, додека Пенрит се наоѓа на самиот врв со максимален учинок.
📸 Bradley Kanaris/Getty Images



