Откако сите натпреварувања од Светскиот куп во ски скокови на норвешко тло беа одложени поради рестриктивните мерки, словенечката Планица се понуди како организатор на ски летовите што требаше да се одржат во Викерсунд.
Имено, на нив, по 19. пат во кариерата, односно по третпат сезонава, до победата дојде најдобриот на вчерашните квалификации, Рјоју Кобајаши, кој имаше скокови од 235,5 и од 244,5 метри.
На второто место се пласираше второпласираниот во генералниот пласман, Маркус Ајзенбихлер, а неговиот сонародник и светски шампион во ски летови, Карл Гајгер, ја освои третата позиција.
Освен нив, пласман во првите десет изборија уште: Михаел Хајбок, Бор Павловчич, Даниел Хубер, Роберт Јохансон, Домен Превц, Јукија Сато и Пјотр Жила.
Уште еден чуден факт од денешното натпреварување е тоа што сите Словенци завршија во топ 30, а без втора серија останаа неколку фаворити како Камил Штох, Давид Кубацки и новиот шампион – Халвор Егнер Гранеруд.
Лошиот ден за Норвежаните беше ,,комплетиран” со застрашувачкиот пад на Даниел Андре Танде на утринскиот тренинг.
27-годишниот натпреварувач беше веднаш пренесен во главната болница во Љубљана, од каде што јавуваат дека е во стабилна состојба.
📸 ADAM NURKIEWICZ/Getty Images



