Во 37. коло од англискиот Чемпионшип, на ,,Прајд Парк”, силите ги одмерија Дерби Каунти и Брентфорд.
Нивниот меѓусебен дуел заврши со реми од 2-2 во две потполно различни полувремиња.
Во првиот дел, Брентфорд целосно го надигра својот ривал и на пауза замина со 0-2.
Најдобриот стрелец во лигата, Ајван Тони, погоди од пенал во 8. минута за својот 27. овосезонски погодок, а предноста на лондонскиот клуб ја удвои Серџи Кањос (23′).
Во второто полувреме, Вејн Руни пронајде начин да ги разигра ,,Овните”, кои двапати ја затресоа мрежата на Давид Раја за конечно реми.
Прв стрелец на Дерби беше новото засилување од Милвол, Ли Грегори (47′), кој влезе во игра само една минута порано.
Изедначувачкиот гол беше дело на Луи Сибли (87′), на кој му претходеше асистенцијата на Патрик Робертс, кој исто така помина на теренот неполни шеесет секунди.
Со новиот бод, Дерби остана на 19. позиција на табелата, додека Брентфорд е четврти со пет поени заостаток во однос на позициите што носат директна промоција.
📸 Twitter: Derby County



